10. 5. 2013.
Повик за масовна корупција во просторот меѓу морковот и стапот
Повод за ваквиот наслов е всушност најновата вест.
Веста доаѓа од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, а таа е: “Упатство за корисниците на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2013 година“ - објавена на 08.05.2013 во 15:58.
За на едно место да ги симнете на вашиот компјутер повеќето од документите кои се значајни и специфични за субвенциите во 2013 год. добар е сајтот на Федерацијата на Фармерите
Секој заинтересиран и до сега субвенциониран пчелар/пчеларка, пред да продолжи со читањето на моите размислувања, јас сметам дека треба најпрвин самостојно да си го прочита горе првонаведениот документ (и да си размисли “со своја глава“).
Со овој свој документ...
...Агенцијата практично за прв пат поставува сериозни услови за барателите на субвенции во пчеларството.
Се работи за бирократска спрега меѓу канцелариски регулатори кои се удавија во обид да направат логичен поредок но, за наша жал - само на хартија.
Нагласено е на крајот од упатствово, дека ова упатство не претставува “правен акт“, или со други зборови кажано ако побарате правна (судска) заштита од неговите одредби: ќе ви се смеат!
Уште во првиот дел (А) (вториот дел, Б, не постои), точка 1 (Општи услови) е наведено дека за субвенции можат да конкурираат само “земјоделски стопанства запишани во Eдинствениот регистар на земјоделски стопанства“ - збогум “лица“ или “поединци“.
Се насетува дека ова што се наѕира е само врвот на стапот - наскоро овој ентитет “земјоделско стопанство“ ќе биде усогласен со сите економски закони во државава.
Тука изрично и недвосмислено се поврзуваат субвенциите во 2013 со:
а) регистрирањето на пчеларниците (Законот за идентификација и регистрација на животните), т.е. пчеларите и
б) задоволувањето на апетитите на ветеринарите (Наредбата за здравствена заштита на животните).
Како шлаг на овој субвенциски колач стои обврската за “исполнување на барањата пропишани во Листата на посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина (Прилог 4).“
А што подразбираат тие во канцелариите, што е тоа минимално добра земјоделска, т.е. пчеларска пракса, ќе прочитате во прилогот 4 под неговата подточка 4: “4. Посебни минимални услови за добра земјоделска пракса и заштита на животната средина при одгледување на животни“.
Да “пукнеш од смеење“ е она што го напишале во “Табела 2. Висина на поддршка за директни плаќања за сточарско производство“ во подточката 2.17 каде нудат финансиска поддршка за: “регистрирано презимено пчелно семејство“ (нерегистрираните и непрезимените е јасно дека се во аут).
Велат дека ќе им даваат по 600 ден. по пчелно семејство и на оние пчелари кои имаат само најмалку 17 пчелни семејства, но ако сите пчеларници (аууу...) ги регистрираат во населени (!?) места со надморска висина над 700 метри или со број на жители под 100.
Оваа идиотски срочена и копирана небулоза навистина тешко може логично и умно да се коментира. Мислам дека овој свој “Куќен ред“ вработените од Агенцијава до “пена на уста“ ќе мора да го објаснуваат. Мој предлог е да си отворат работно место: толкувач на сопствените упатства, за кое место образованието нема да има никаква улога, туку најмногу ќе се цени талентот!
Уште имаат намера да даваат и пари за осигурување на пчелните семејства (до 100). (Види табела 4.)
А органските пчелари ќе добиваат 30% повеќе пари.
Во точката 5 (Пресметување на директни плаќања по грло добиток) спомнуваат некаков “период на задолжително чување на животните“ за кој никаде не можев да најдам колку изнесува!
Оваа категорија на обврска (недефинирана), а тоа се покажа во досегашново нашево пчеларсково искуство, мошне скапо се плаќа - може да чини и повеќе од вкупната сума на субвенции!
Во точката 6 (Директни плаќања за вршење на земјоделска дејност во подрачја со ограничени можности за производство) се вели дека ќе се добијат дополнителни 15% “- по грло добиток за регистрирани одгледувалишта во населени места со надморска висина поголема од 700м или со број на жители помал од 100“. Да се надеваме дека ова ќе важи и за пчел. семејства (алал за толкувачот!) иако не е специфицирано.
Наводно и одделните категории на лица со точката 7 (Помош за одделни категории носители на земјоделско стопанство) ќе добиваат екстра 5 или 10% со што државата стимулира да ги впишуваме целите наши имоти или да ги евидентираме како пчелари, нашиве деца.
Субвенционираниот пчелар ќе треба да си ги заработи парите на тој начин што ќе треба:
- да си ги регистрира а потоа 2 пати годишно и попишува пчеларниците кај ветеринарите (навремено и за пари)
- да води ФАРМСКИ РЕГИСТАР за секој пчеларник, и навреме (со прецизни рокови) да си ги пријавува промените во пчеларникот (пари)
- да ги сели пчелите со документ “Сертификат за здравствена состојба“ (пари)
- да овозможи ветеринарното друштво да му ги прегледа сите пчелни семејства, најмалку еднаш годишно, на “присуство на Американска чума по пчелно легло“ и за тоа да добие потврда (пари)
- но за да го направи ова, првин ќе треба да склучи/потпише годишен договор со ветер. друштво (пари)
Единственото добро укажување што го најдов во ова упатство е дека се наведува дека не треба да се врши примена на производите за заштита на растенијата во фаза на цветање на одгледуваните растенија и/или дека пчеларите треба да се известуваат за кога, и за каде, ако имаат пчели на 2 километри растојанием, при употреба на производите за кои во упатството за користење стои дека производот е токсичен за пчели.
Да резимирам.
Оваа година пчеларите кои ќе побараат субвенција малку ќе имаат ќар од неа. Во најголем дел субвенцијата за пчеларство преминува во начин за финансирање на бирократскиот систем.
Поради нестручност на ветеринарите за пчеларството, ќе имаме широко застапена корупција во која ќе биде инволвирана секоја од странките (нема да има чесни а субвенционирани!).
Ветеринарите ќе нудат документи за пари - на невидено а пак пчеларите ќе ги даваат парите однапред за ништо (но, како активни учесници во корупција ќе молчат како риби, или ќе проповедаат молчење и “соработка“ со ветеринарите).
Не верувам дека некој од пчеларите ќе ги принуди ветринарите да вршат контрола на секое поединечно пчелно семејство - наместо тоа ветеринарите ќе прават или збирни мостри или мостри по случаен избор или ќе се прогласува здравствена исправност - без никакви мостри и никаков преглед.
Тешко си на оние неколкумина каде ќе биде најдено присуство на американецот. Тие или ќе мораат да дозволат уништување на цел пчеларник или, на свој трошок, да прават анализи за секое одделно пч. семејство.
Поради можноста за недоследна примена на овие упатства од Агенцијата и оваа година ќе има голем интерес за субвенции за пчеларство, но за 2014 - ќе видиме...
Оваа 2013 година ќе се замрзне триумфалната насмевка на лицето од сувенционираниот пчелар кога ќе зборува со колега кој што “ништо не знае и никој него за ништо не го информирал“!
Пријавите се на:
Објављивање коментара
(
Atom
)
Нема коментара :
Постави коментар