3. 10. 2015.

Медот за 14 дена не прави чудесии


Пред неколку денови нашироко низ светот, а најпрвин во некои медиуми (The Washington PostThe Telegraph  и на некои наши портали: tocka.com.mk, ... ) беше промовирано едно тест-истражување кое најпрвин беше публикувано на Интернет, на 2-ри септември во списанието Journal of Nutrition, со оригинален наслов: Consumption of Honey, Sucrose, and High-Fructose Corn Syrup Produces Similar Metabolic Effects in Glucose-Tolerant and -Intolerant Individuals .



Целта на ова истражување, наводно, била да се споредат ефектите од хронично (постојано) консумирање на 3 хранливи засладувачи (мед, шеќер и високо-фруктозен пченкарен сируп (варијантата со 55% фруктоза: т.е. HFCS55) врз циркулирањето на гликозата, инсулинот, липидите, и воспалителните маркери, потоа врз тежината на телото, крвниот притисок кај лица (1) со нормална толеранција на гликоза и кај лица (2) со нарушена толеранција на гликоза.

Мене оваа медиумска хајка врз медот ме поттикна ...

...За неколку прашања тука добро да размислам!

1. Како студија на неколку параметри - и што траела САМО 14 ДЕНА - може да даде релевантна оценка за некакво хронично, постојано, конзумирање на некаква, не знаеме по кој критериум определена количина од 50 гр./дневно?

2. Дали во количината (како и со сета друга храна) се крие ѓаволот?
  • Кој во реалноста конзумира онолку мед, колку што конзумира од другите два засладувачи - преку речиси сета храна и пијалоци што се користат во текот на еден ден, и така со месеци, и со години, продолжително? Или... Поинаку формулирано...
  • Ако човек ЈАДЕ МЕД ВО ИСТО ТОЛКАВА КОЛИЧИНА колку што јаде фруктоза (преку овошје, сокови...) или сахароза (преку чоколади, колачи и др. производи) речиси е сосема сигурно дека нема да има ненарушено здравје - по подолг период на таква “диета“!
  • (Друг е проблемот што природниот мед има во себе вградено кочници за метаболизмот кај човекот - и како резултат на тоа, на секој човек му е одбивно и мачно да изеде толкави количини мед, а наспроти медот, и-тоа-како тоа количинско предозирање, мошне лесно и незабележително, може да го прави со другите два засладувачи).

3. Како може да не се разликува мед од трговска мрежа (од пакер) и природен мед (од пчелар)? Сите ние што сме во проблематикава знаеме дека разликите се огромни! (Од ултра-филтрацијата, декристализацијата со високи температури, па до фалсификувањето - токму со другите два засладувачи)

(Ова донекаде е и разбирливо - зошто не било влезено во дизајнот на тестот - со оглед на неговата краткотрајност.)
(Ние, пчеларите, сме убедени и дека едно посериозно и подолгорочно истражување може да детектира статистички значајни разлики при вистинско хронично конзумирање дури и на природен мед наспроти мед од пакер!)

4. Не е наведено и прецизирано во ова истражување - дали испитаниците биле на шеќерна диета, т.е. не можеле да користат друга храна која содржи шеќер (овошје, сокови, чоколади, колачи, кечап, итн.итн.) или тие си живееле исто како порано - а само биле задолжени да изедат по + 50гр. од еден од трите засладувачи? (Како што треба да се подразбира!)

Оттука се насетува вистинската заднинска цел на ова тестирање: да се врати потрошувачката на овие два засладувачи на претходните нивоа - затоа што во реалноста е невозможна брза и лесна замена на еден со друг - без карантин и комплетна/ригорозна диета и затоа што ВИСТИНСКИ долгорочната употреба на шеќерот и фруктозниот сируп, се спекулира дека предизвикува низа пореметувања во метаболизмот на човекот - пореметувања кои организмот го подготвуваат за низа здравствени аномалии/болести.

А пак преносителите на ШОКАНТНАТА вест никогаш немаат време за да го анализираат изворот на информацијата и соодветно да му го позиционираат местото/значењето!


Овој тест со прост иницијален дизајн што требало да одговори на прашањето: дали медот ќе ја подобри толеранцијата на гликоза и приемчивоста на инсулин, во компарацијата со шеќерот и фруктозниот сируп, кај нормалните возрасни лица и возрасните лица кои се нетолерантни на гликоза - дизајн на тест што во вистинската наука може да послужи само како индикатор за правење или неправење на вистинско истражување на метаболичките ефекти од ЗГОЛЕМЕНАТА употреба на некои од овие три засладувачи - сега дневниот печат, кој е во континуирана потрага по митови за рушење, го дочека со широко раширени раце и спремно ќе го надува до неверојатно високи граници!

Одговорот, според овој тест, на ова просто научно-базно прашање е: не! Медот земен како додаток на исхраната, во количина од 50 гр. дневно, за период од 2 недели, не се разликува во ефектот - за да предизвика подобрена толеранција или пак нетолеранција на гликоза кај луѓето кои се нормални, ама и кај луѓето кои се дијагностицирани како нетолернатни на гликоза!

Ама... Затоа, во следниов период ќе се изначитаме од реплики со наслови како овие подолу:

Медот сепак не е толку здрав колку што мислевме...

“Природните засладувачи не се подобра алтернатива

Науката вели дека после сè, медот не бил толку добар за вас

Мед или високофруктозен пченкарен сируп - нема разлика за здравјето