3. 10. 2015.

Медот за 14 дена не прави чудесии


Пред неколку денови нашироко низ светот, а најпрвин во некои медиуми (The Washington PostThe Telegraph  и на некои наши портали: tocka.com.mk, ... ) беше промовирано едно тест-истражување кое најпрвин беше публикувано на Интернет, на 2-ри септември во списанието Journal of Nutrition, со оригинален наслов: Consumption of Honey, Sucrose, and High-Fructose Corn Syrup Produces Similar Metabolic Effects in Glucose-Tolerant and -Intolerant Individuals .



Целта на ова истражување, наводно, била да се споредат ефектите од хронично (постојано) консумирање на 3 хранливи засладувачи (мед, шеќер и високо-фруктозен пченкарен сируп (варијантата со 55% фруктоза: т.е. HFCS55) врз циркулирањето на гликозата, инсулинот, липидите, и воспалителните маркери, потоа врз тежината на телото, крвниот притисок кај лица (1) со нормална толеранција на гликоза и кај лица (2) со нарушена толеранција на гликоза.

Мене оваа медиумска хајка врз медот ме поттикна ...

...За неколку прашања тука добро да размислам!

1. Како студија на неколку параметри - и што траела САМО 14 ДЕНА - може да даде релевантна оценка за некакво хронично, постојано, конзумирање на некаква, не знаеме по кој критериум определена количина од 50 гр./дневно?

2. Дали во количината (како и со сета друга храна) се крие ѓаволот?
  • Кој во реалноста конзумира онолку мед, колку што конзумира од другите два засладувачи - преку речиси сета храна и пијалоци што се користат во текот на еден ден, и така со месеци, и со години, продолжително? Или... Поинаку формулирано...
  • Ако човек ЈАДЕ МЕД ВО ИСТО ТОЛКАВА КОЛИЧИНА колку што јаде фруктоза (преку овошје, сокови...) или сахароза (преку чоколади, колачи и др. производи) речиси е сосема сигурно дека нема да има ненарушено здравје - по подолг период на таква “диета“!
  • (Друг е проблемот што природниот мед има во себе вградено кочници за метаболизмот кај човекот - и како резултат на тоа, на секој човек му е одбивно и мачно да изеде толкави количини мед, а наспроти медот, и-тоа-како тоа количинско предозирање, мошне лесно и незабележително, може да го прави со другите два засладувачи).

3. Како може да не се разликува мед од трговска мрежа (од пакер) и природен мед (од пчелар)? Сите ние што сме во проблематикава знаеме дека разликите се огромни! (Од ултра-филтрацијата, декристализацијата со високи температури, па до фалсификувањето - токму со другите два засладувачи)

(Ова донекаде е и разбирливо - зошто не било влезено во дизајнот на тестот - со оглед на неговата краткотрајност.)
(Ние, пчеларите, сме убедени и дека едно посериозно и подолгорочно истражување може да детектира статистички значајни разлики при вистинско хронично конзумирање дури и на природен мед наспроти мед од пакер!)

4. Не е наведено и прецизирано во ова истражување - дали испитаниците биле на шеќерна диета, т.е. не можеле да користат друга храна која содржи шеќер (овошје, сокови, чоколади, колачи, кечап, итн.итн.) или тие си живееле исто како порано - а само биле задолжени да изедат по + 50гр. од еден од трите засладувачи? (Како што треба да се подразбира!)

Оттука се насетува вистинската заднинска цел на ова тестирање: да се врати потрошувачката на овие два засладувачи на претходните нивоа - затоа што во реалноста е невозможна брза и лесна замена на еден со друг - без карантин и комплетна/ригорозна диета и затоа што ВИСТИНСКИ долгорочната употреба на шеќерот и фруктозниот сируп, се спекулира дека предизвикува низа пореметувања во метаболизмот на човекот - пореметувања кои организмот го подготвуваат за низа здравствени аномалии/болести.

А пак преносителите на ШОКАНТНАТА вест никогаш немаат време за да го анализираат изворот на информацијата и соодветно да му го позиционираат местото/значењето!


Овој тест со прост иницијален дизајн што требало да одговори на прашањето: дали медот ќе ја подобри толеранцијата на гликоза и приемчивоста на инсулин, во компарацијата со шеќерот и фруктозниот сируп, кај нормалните возрасни лица и возрасните лица кои се нетолерантни на гликоза - дизајн на тест што во вистинската наука може да послужи само како индикатор за правење или неправење на вистинско истражување на метаболичките ефекти од ЗГОЛЕМЕНАТА употреба на некои од овие три засладувачи - сега дневниот печат, кој е во континуирана потрага по митови за рушење, го дочека со широко раширени раце и спремно ќе го надува до неверојатно високи граници!

Одговорот, според овој тест, на ова просто научно-базно прашање е: не! Медот земен како додаток на исхраната, во количина од 50 гр. дневно, за период од 2 недели, не се разликува во ефектот - за да предизвика подобрена толеранција или пак нетолеранција на гликоза кај луѓето кои се нормални, ама и кај луѓето кои се дијагностицирани како нетолернатни на гликоза!

Ама... Затоа, во следниов период ќе се изначитаме од реплики со наслови како овие подолу:

Медот сепак не е толку здрав колку што мислевме...

“Природните засладувачи не се подобра алтернатива

Науката вели дека после сè, медот не бил толку добар за вас

Мед или високофруктозен пченкарен сируп - нема разлика за здравјето

26. 2. 2015.

Промена во раководењето со ПЗ “Матица“ од Скопје




Според последните усвоени промени на Статутот на здружението, дефинитивно е сигурно дека ќе има...

...Промена во раководењето со ПЗ “Матица“ од Скопје.

За Што се работи?
Годишно собрание на членовите на пчеларското здружение “Матица“ од Скопје - но овој пат ИЗБОРНО.

На Собранието, кое треба да биде и свечен чин и официјална средба на сите членови, ќе бидат избрани нови лица од членовите на здружението со платена членарина за 2014/2015, за функциите:

- 1 (еден) претседател на здружението

- 7 (седум) членови на Извршен одбор

- 3 (три) членови на Надзорен одбор

Во предложениот Дневен ред, од страна на актуелниот претседател Павле Бошкоски, додадени се и уште две точки за директно собраниско бирање на членови на уште два одбори - а не е познато со колкав број членови.
Овие предложени одбори се:

- Организационен одбор за организирање на манифестацијата “Денови на македонскиот мед“.
- Организационен одбор за организирање на еднодневни излети во земјата и странство

Кога?
Ова годишно а сега и изборно Собрание на членовите на “Матица“ е закажано да се одржи на 03.03.2015, год. (вторник).

Каде?
Собранието ќе биде во најголемата сала за состаноци на републичката Стопанска Комора на Р. Македонија, на 5-ти спрат. (До затворениот ресторан на Мек Доналдс).

Кој?
На собранието ќе имаат право да учествуваат, т.е. да предлагаат, да бираат, и бидат избрани само членови со платена членарина (400 ден.) за 2014/2015.

Како (учество, т.е. зачленување)?
Нема статутарно ограничување до кога може да се извршува зачленувањето/плаќањето, но тоа мора да се стори со директна уплата единствено на жиро-с/ка на здружението (т.е. во банка, пошта и сл.), па поради обврската да се подигнат изводи на плаќањата, веројатно е дека последниот рок за плаќањето да може да се направи, ќе биде ден-до-два порано.
За секој случај, заради разрешување на евентуални проблеми при верификацијата, препорачливо е секој да си ја понесе неговата копија од уплатницата.

Еве ги податоците потребни за пополнување на уплатницата:

Назив и седиште на примач:
ПЗ “Матица“ Скопје

Банка на примач:
Комерцијална Банка

Трансакциска с-ка:
300 00000 11855 70

Износ:
400,00

Цел на дознака:
Чланарина за ПЗ “Матица“ за 2014/2015

Ако сакате да имате влијание за да дојде до евентуални промени во идната работа на ова здружение, зачленете се и учествувајте!

П.С. На последниот состанок на здружението, кога беа изгласани некои промени во статутот, беше објавено дека јас (Александар Михајловски) ќе бидам еден од кандидатите за претседтел. Тоа е точно. Навистина ја прифатив поканата на една група од пчеларите членови, да бидам кандидиран.

18. 1. 2015.

ПЗ “Матица“ го промени денот на состаноците


Пчеларското здружение “Матица“ од Скопје, кое одржува редовни неделни средби на своите членови под неофицијално име “предавања“, во просториите на Стопанска Комора на Р. Македонија, на 5-ти кат, го промени денот од неделата во кој тие средби се одржуваат од четврток, како што порано беше, во (секој) ВТОРНИК од 17 часот.

Од едно предавање на колегата Фрањо Томажин, одржано во истата сала на Стопанската комора, на 24 декември 2004-та година.
Фото: А. Михајловски

17. 1. 2015.

Дополнителни субвенции за пчеларите кои имаат регистрирани одгледувалишта за матици

Селекцијата на пчели со посакувани карактеристики е исклучително неисплатлива дејност за пчеларите од помалите држави (пазари), во кои спаѓа и Република Македонија.
Фото: А. Михајловски


Иако веста беше објавена како да се работи за дополнителни субвенции за пчеларите - се работи, во најмала рака, за новинарски спин.

Пчеларите нема да добијат дополнително ништо.

Добитници на оваа финансиска поддршка (вкупно: 1600 ден. по пчелно семејство) ќе бидат само 3 пчелари/пчеларства во Македонија.

Очигледно е дека во практика повторно имаме РЕЗУЛТАТ од лобирање на дел од нашите колеги, на еден дел од одгледувачите на матици, кои успеале да ги убедат нашиве земјоделски власти дека нивните трошоци за селектирање и експериментирање се навистина преголеми.

И тоа, јас мора да потврдам, дека навистина е така!

Веројатно се работи за придобивка на пчеларската организацијаMacBee(клик), која е замислена како практична поддршка на академското пчеларско истражување предводено од Хрисула Кипријановска, Александар Узунов и нивните помлади колеги или студенти.

Веста гласи:
“Покрај субвенцијата од 600 денари за пчелно семејство, селекцијата на матици од македонската пчела „Apis macedonica“ ќе биде финансирана и од државата со дополнителни 1.000 денари.

Причина се големите трошоците кои се прават за тестирање и честите прегледи.

Овие активности доведуваат до намалување на продуктивност и до 50 проценти.

Цел е роењето и прихрана да се што е можно поблиски до условите што ги има во природата.

Од овој вид пчели има вкупно 300 семејства во три одобрени одгледувалишта на пчелни матици.“

Веста најпрвин беше објавена во емисијата Дневник на Македонската Радио Телевизија под наслов: Дополнителни субвенции за пчеларите - МРТ (клик).

Комплетно видео клипот може да се види на ОВОЈ ЛИНК (клик).

4. 7. 2014.

На 03.07.2014 почна исплата на субвенции за 2013-та

Владата преку Министерството за финансии од вчера (03.07.2014) започна со исплата на субвенциите за презимено пчелно семејство во 2013 година.

Засега, со оваа прва исплата опфатени се само 2632 пчелари.

Веста ја објави МИА (клик)

1. 4. 2014.

Календар на државниот пчелар


  • 16 март 2014 година = Почеток на рокот за поднесување на Барање за добивање субвенции (Барањето за директни плаќања) (не важи и за пчеларите, т.е. тој рок е фактички на: 01 април 2014 година)

  • 01 април 2014 година = Попис на бројот на презимени пчелни семејства. Не е објавен/дефиниран краен рок до кога треба да се изврши пријавување/заведување на оваа бројка во Регистерот (кај ветеринар) - но тоа мора да се направи ПРЕД да се поднесе Барањето за субвенција во подрачната служба на МЗШВ

  • 31 мај 2014 година = Краен рок за поднесување на Барања добивање субвенции (Барање за директни плаќања)

  • 31 мај 2014 година = Краен рок за поднесување на Барање за директни плаќања за премии за осигурување на (до 100) пч. семејства

  • 30 јуни 2014 година = Краен рок за поднесување на барања за финансиска поддршка за набавени пчелни матици во 2014 година

  • март 2015 година = Краен рок за почеток на исплата на средствата по Барањата за директни плаќања за 2014-та


П.С. Доколку имате предлог за внесување на нова информација/податок или корекција на објавениве, Ве молам, напишете Коментар.

http://melitagoraizivotpokrajpcelite.blogspot.com/