9. 5. 2013.

Владата ги субвенционира пчеларите... Треба ли пчеларите да ги субвенционираат ветеринарите?!?

На 26.02.2013 година Владата на Р. Македонија одржала седница на која донела (1)Одлука за висината на надоместоците за спроведување на активности од јавен интерес од областа на здравствена заштита на животните и (2)Одлука за висината на надоместоците за спроведување на системот за идентификација и регистрација на животните и висината на надоместокот за дополнителни официјални контроли

Овие две одлуки влегле во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“ а Според http://fva.gov.mk/index.php?limitstart=5&lang=mk одлукиве се објавени во Службен весник на Република Македонија бр.32 од 01.03.2013 година.



Во првата Одлука (1) е наведено дека: за Клинички преглед на пчелна заедница (по Годишна наредба) се наплаќа 50 ден. а пак патните трошоци се вкалкулирани во оваа цена и овој трошок во целост е на товар на пчеларот.

Во оваа одлука се прецизирани и други трошоци, на пример за:

1) Земање и испраќање на мостри од пчелни заедници сомнителни на болест (По Решение на официјален ветеринар) 80 ден. со вкалкулиран патен трошок (заб., пак си поигруваат со поимот “официјален“) . Но за оваа точка (5) се вели дека трошоците се покриваат во целост од “Програмата за здравствена заштита на животните“ за тековната година, но само за ветеринарните друштва со кои Агенцијата за храна и ветеринаство имала склучен договор.

2) Издавање на сертификат за здравствена состојба на животните, за една кошница чини 16 ден. со вкалкулирани патни трошоци.

3) Издавање на сертификат за здравствена состојба на животните, за една матица чини 32 ден. со вкалкулирани патни трошоци.

Цените кои се истакнати во Одлуката се без ДДВ.

Појаснување: ако вашиот ветеринар, кој што сте го одбрале да ви врши работи околу пчеларството не е ДДВ обврзник, на овие цени не треба/не смее да ви пресмета плус 18% данок.

Напомена од мене: ветеринарната комора, која што се грижи за интересите на ветеринарните друштва, има составено и изциркулирано Упатство, во кое има дава напатствие на ветеринарните друштва да наплаќаат три вида на такси (1. За клинички преглед: 59 ден./пч. семејство, 2. За евидентирање на бројна состојба на пчелни семејства: 71 ден./пчеларник и 3. За издавање сертификат за здравствена состојба: 18 ден./кошница) во кои се вкалкулирале цените со ДДВ.

Спомнатата Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2013 година има една мошне дискутабилна одредба која има очигледна тенденција да ги погази интересите на пчеларите, но и за која, истовремено, ветеринарните друштва немаат капацитет за доследно спроведување.
Дотичната одредба е на точка: 5. ЗАРАЗНИ И ПАРАЗИТСКИ БОЛЕСТИ КАЈ ПЧЕЛИТЕ и гласи: 5.1 Американската чума на пчелиното легло.

Коментар: Мое мислење е дека оваа давачка што ни ја зготвиле канцелариските ветеринари може некаде да се избегне, а некаде и да се отежне (со цел во иднина да не се повтори!)

Избегнување, како?
Да не се склучува/потпишува никаков договор со ветеринарното друштво, бидејќи постоењето на тој Договор е услов за да се изврши задолжителниот преглед на Американска чума.

Ако вет. друштво инсистира на подметнување на таква “обврска“ во корелација, и/или при евидентирање на бројната состојба на пчелните семејства по пчеларници, постојат две опции:
1) да се пријави до Државен инспекторат за земјоделство на тел. 02 3121-462 и
2) да се заканите дека ќе си побарате друго вет. друштво (најдобро да не биде ДДВ обврзник) кое ќе ви го врши евидентирањето, па ако заканата нема ефект, истата да се реализира.

Отежнување, како? 
(Ако веќе ве излажале да потпишете договор.) Да се инсистира на доследно применување на горенаведената одредба од Годишната наредба, т.е. пред да се плати, да се инсистира прегледот од страна на ветеринар да биде навистина обавен буквално на секое пч. семејство и на крај задолжително да се добие Потврда.

(За очекување е дека ветеринарите ќе не убедуваат дека не е неопходно да се отвори баш секое семејство - и да се прегледа, и дека многумина од нашите колеги, опиени од сумата што ја примиле за субвенции, “братски“ ќе учествуваат во колективниот предлог за корупција т.е. поделба на државните пари.

Исто така, за очекување е дека ветеринарите ќе се обидат да земат урнеци за анализа без никаква објективна основа, само за да извлечат пари од државата, пари предвидени за таа ставка).

Во втората Одлука (2) која се однесува на регистрирањето, конкретно за нас, на пчелните семејства и пчеларниците, се однесуваат точките 4, 7, и 9. Сите тие, наведено е, не се годинава на товар на пчеларите.

Останува неајсно врз основа на што Ветеринарната Комора им дава интерна насока/упатство на своите членови да вршат наплата од 71 ден. (со ДДВ) или 60 ден. без ДДВ (точка 9) по документ т.е. пријавено/регистрирано одгледувалиште/пчеларник?!!

За наплатувањето на оваа неоснована такса секако мора да се направи преставка, информира и ангажира Државниот инспекторат за земјоделство, бидејќи јасно е прецизирано во Одлуката (2), дека во оваа 2013, овие трошоци ги покрива “Програмата за здравствена заштита на животните“ а не пчеларите.

Како сите овие давачки се поврзани со субвенциите? 


Одговорот е: НИКАКО.

Единствената врска е што, според “Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2013 година“ овластените ветеринарни друштва се субјектите што се овластени да вршат евидентирање на пописите што пчеларите самостојно треба да ги направат 2 пати во годината: на 1 април 2013 и на 15 октомври 2013 и добиената бројка да им ја достават на вет. друштва, најдоцна за 15 дена. (Инаку, во други држави оваа работа на евидентирање им се доверува на пч. сојузи/федерации) Извор: Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2013 година

Потоа пчеларите си одредуваат самите за колкава бројка семејства ќе поднесат Барање за субвенции и единствено е важно тој број на пч. семејства да не го надминува бројот што бил пријавен/попишан на 1-ви (до 15-ти) април.

Од горе кажаното произлегува дека ветеринарите го злоупотребуваат контактот што го имаат со пчеларите заради евидентирањето на бројната состојба, наметнувајќи им давачки за нивна сопствена корист а во име на државата (јавниот интерес!).

За оние наши колеги кои мислат дека оваа обврска е нешто ново, ќе прашам: дали лани на вашиот пчеларник видовте ветеринар што ви прави преглед на секое пчелно семејство барајќи “Американска чума на пчелното легло“ ? Не? Навистина чудно, затоа што овогодишната Годишна наредба е всушност копирање-пастирање на ланската, еве уверете се сами:
Годишна наредба од 2012

Оваа небулоза од лани очигледно доаѓа како последица на поставување на позицијата пишувач/препишувач некој “нов“ ветеринарски бирократ кој сметал дека на неговите колеги добро би им дошла финансиска инјекција од субвенционираните пчелари, па го преработил дотогашното формулирање, кое до лани години со ред се копираше-пастираше, а беше навистина в ред. Пример: Годишна наредба од 2011 па, Годишна наредба во 2010, итн, итн.

Во меѓувреме, заради дискусии по прашањето отворив тема на форумот на www.pcela.mk. Ако не сте член таму, можете да се коментира и тука.

Резиме на линковите:
Одлука за висината на надоместоците за спроведување на активности од јавен интерес од областа на здравствена заштита на животните

Одлука за висината на надоместоците за спроведување на системот за идентификација и регистрација на животните и висината на надоместокот за дополнителни официјални контроли

Агенција за храна и ветеринарство

Годишна наредба за здравствена заштита на животните во 2013 година

Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2013 година

Дополнување:
Надлежни за овие прашања се освен Агенцијата за храна и ветеринарство и:
Државниот инспекторат за земјоделство (телефоните ги имате на овој линк а е-маил адресата е: diz@mzsv.gov.mk

Нема коментара :

Постави коментар