Објавено на 13 април 2013
Види со еден клик
1. Точката под бр. 1 е точно наведена. Превидот што е направен е неконсултирањето на втората владина одлука (Одлука за висината на надоместоците за спроведување на системот за идентификација и регистрација на животните и висината на надоместокот за дополнителни официјални контроли) во која е децидно наведено на две места, како за Прилог 2, така и за Прилог 1: “Трошоците за системот за идентификација и регистрација за свињи и пчели согласно член 42 од Законот за идентификација и регистрација на животните („Службен весник на Република Македонија“ бр.95/12) во 2013 година се на товар на Програмата за здравствена заштита на животните.“
Нагласувам дека тука се работи за целиот СИСТЕМ, од кој не може да биде исклучено: заведувањето на податоците т.е. тоа да биде одвоено гледано од првичното регистрирање (кога се добива идентификацискиот број)
2. Во спомнатата Годишна наредба не е наведено дека треба да се врши “клинички преглед“.
Постои ли воопшто КЛИНИЧКИ преглед НА ПЧЕЛАРНИК?
Никаде нема дефиниција што значи тоа!
Во Годишната наредба децидно е наведено дека: “Сите пчелни семејства треба задолжително да се прегледаат најмалку еднаш годишно на присуство на Американска чума по пчелното легло од страна на ветеринарно друштво кое има склучено договор со сопственикот/одгледувачот на пчелите.“
Нагласувам дека е наведено: СИТЕ пчелни семејства а не пчеларник.
Ветеринарите од комората, поради нестручност, си замислуваат дека е можно да се направи збирна една мостра или неколку мостри, од еден цел пчеларник, кои потоа би се дале на анализа! Не можам сега да им одржувам предавање за тоа колкава глупост (последици) тука би била направена со спроведување на ова.
Понатаму во упатувањето е наведено: “Клиничкиот преглед е обврзан за секој пчеларник, и е поврзан како услов за апликација за субвенции.“
Оваа инструкција е комплетна измислица.
Според документот: Уредба за поблиските критериуми за директни плаќања, корисниците на средствата, максималните износи и начинот на директните плаќања за 2013 година (Службен весник на Република Македонија бр. 5 од 10.1.2013 година) , наведено е дека: “Спроведување на мерките на директните плаќања во поглед на утврдување на бројната состојба на говеда, овци, кози и презимени пчелни семејатва се вршат врз основа на податоци од Регистарот за идентификација и регистрација на домашни животни,...“
Не постои објавен пропис во кој се одредува дека за заведување на податоци во регистерот, на пчелните семејства од пчеларот требало да им биде извршен некаков ветеринарен преглед, камоли овој апсурдниов “клинички“.
3. За третата одредба која повикува на ригорозно спроведување на Член 44, став 1, од важечкиот Закон за ветеринарно здравство може да се потенцираат следните аргументи:
1. Пчеларите кои работат со помал број на пчелни семејства можат да се декларираат себе си како некомерцијални, т.е. дека не произведуваат со намера пчелните производи да ги пласираат на пазар.
2. Не постои пропис (каде е објавен тој пропис) во кој е наведено дека во/според договор, задолжително авансно одгледувачот на животни треба да исплаќа некаква сума пари на ветеринарна амбуланта, клиника или болница?
Имајќи ја оваа инструкција на вет. комора во предвид, јас мислам дека пчеларите кои работат со поголем број на пчелни семејства (комерцијални) не треба да склучуваат договори со оние овластени вет. друштва кои во договорите ставиле членови/одредби за некакви авансни плаќања.
3. Законот нема казнени одредби доколку одгледувачот на животни нема склучен договор (поради било какви причини или привремено).
ДЕМАНТ (Објавено на 17 април 2013):
Морам да се демантирам во аргументот под број 3.3.: Законот нема казнени одредби...
Во Член 111-в од овој Закон за ветеринарно здравство е наведено дека: “(2) Глоба во износ од 100 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на физичко лице одгледувач ако не склучи договор со распределената, односно друга овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница во предвидениот рок (член 41-а став (2))“.
Значи, казна/глоба, според овој закон кој требало да се спроведува уште од 2008 година е пропишана и би важела и за пчеларот кој нема да има склучен договор.
Но, тука постои уште еден аргумент во полза на непотпишување на било каков (секаков) договор.
Аргументот се наоѓа во Член 41-а, став 6 и тој гласи: “Владата на Република Македонија на предлог на директорот на Агенцијата ја пропишува содржината на договорот од ставот (1) на овој член.“
Колку што мене ми е познато Владата досега не донела одлука за пропишување на содржината на договорот од ставот (1) на овој член 41.
(Штета е навистина што немаме пчеларска организација која навремено би реагирала на ваквата небулозна законска присилба за склучување договор - на Уставен Суд ова би паднало како зрела крушка!)
За крај... Според горе наведените аргументи, мое мислење е дека доколку Агенцијата за храна и ветеринарство има склучено Договор со Ветеринарната Комора, според Член 14, Услови и овластување на Комората, став 6, директорот на Агенцијата може и има децидно јасни причини да донесе решение за одземање на овластувањата, поради “работење спротивно од прописите“.
Конкретно, се работи за овластувањето ветеринарните друштва да вршат “Внесување на податоци за попис во централна база на податоци“ за пчеларските одгледувалишта и пчеларите, поради злоупотреба на оваа обврска на пчеларите, а со цел здобивање на противправна финансиска корист од субвенциите на пчеларите.
Етичка и социјално одговорна би била секоја реакција/претставка насочена директно кон директорот на надлежната Агенција за храна и ветеринарство (Дејан Рунтевски) и/или до надлежните во Одделението за идентификација и регистрација на животните, на оваа Агенција.
Нема коментара :
Постави коментар