Објавено на 19 април 2013
Под овој наслов вчера беше објавена веста од Агенцијата за храна и ветеринарство а истата беше збогатена и дополнета (со апострофирање на “заслугата“ од Федерацијата на фармерите на Република Македонија (Пролонгиран рокот за пописот на пчеларниците). Јас направив и една своја копија од веста на Агенцијата.
Со ова свое соопштение оваа Агенција го демантира досегашниот свој систем на овластени вет. друштва (списоците што ги објавив вчера нема да бидат меродавни, но ќе станат сосем неважечки дури откако се објави нов список).
Сега Агенцијата одново ќе склучува договори за овластување со избраните вет. друштва. Но, не го нагласува Агенцијата крајниот рок за дефинирање на овластените друштва, туку само почетокот (22 април 2013).
Агенцијата имплицира дека секој одгледувач на пчели е комерцијален (произведува за да пласира на пазар) и мора да склучува договор со некое вет. друштво. Ова толкување на законот е всушност демонстрација на пристрасност кон интересите на ветеринарните друштва.
Најголем скептик сум дека оваа реченица од соопштението носи нешто паметно: “Истото ветеринарно друштво ќе треба да изврши и преглед на пчелните заедници на присуство на Американска чума на пчелното легло“.
Агенцијата доследно се реализира себе си, во пракса, како алатка за воспоставување на доминација на ветеринарите врз здравјето на пчелните семејства во Македонија - онака како што била интенцијата и на законот, т.е. творецот на тој закон (знам и кој е!).
Интересите на пчеларите и подобрувањето на состојбите за пчеларството во Македонија - уверен сум, тоа е тема за потсмев кај нашиве ветеринари.
Спроведувањето на оваа новотурска (екс отоманска) логика во поимањето на човековите права и слободи, што ја наметнува овој закон, кој им дозволува и ги создава ветеринарите како приватни деловни субјекти но некои од нив фаворизира и ги обврзува со нужност за договор со Агенцијата, потоа ги обврзува тие да прават договори со своите клиенти, па и на крај ги обврзува и клиентите да потпишуваат договори со вет. друштва (со договор кој е всушност директива од Владата) - сето ова е апсурд кој нема/не може во денешно време да помине лесно! (И покрај менталитетот на раја што се уште доминира кај нашиов народ и голем дел од нашите пчелари!)
Овој замислен квази-европски ветеринарски систем може да функционира само ако една до две децении пред тоа ветеринариве биле подготвувани за вакво нешто. Тие немаат ЕЛЕМЕНТАРНИ предиспозиции, покрај за сите други комерцијални животни, да се грижат целосно уште и за здравјето на повеќе од 155 000 (СТО ПЕДЕСЕТ И ПЕТ ИЛЈАДИ) пчелни семејства и на тој начин позитивно да влијаат на судбината на повеќе од 3 500 македонски пчелари!
НЕКОЈ ги инструира ветеринарите, наместо соработници и поддршка на одгледувачите на животни и инсекти, да бидат нивни тутори, инспектори, казнувачи. Наместо да бидат што е можно подобри познавачи на аномалиите во зоологијата и особено, ако можат, во ентомологијата, тие треба да станат админстратори на нечии интереси за доминација на неколкумина, еден грст самопрогласени квази-научни авторитети (кои од ентомологијата најдобро го разбираат/познаваат само значењето на поимот!)
Како во практика Агенцијата смета дека може да се изврши таква обемна операција, како што е детален преглед на леглото од 155 илјади пчелни семејства, без пчеларниците да бидат претходно идентификувани и регистрирани (таблички нема а и годинава нема да ги има!), без пчелните семејства поединечно да бидат маркирани? Како?
И уште - кој ќе го направи тоа? Нашиве семоќни ветеринарни друштва? Ќе биде тоа реализацијата на визијата за матичен ветеринар кој со џип и целосна пчеларска опрема (стерилизирана) доаѓа на пчеларник и за неколку минути прегледува 100 пчелни семејства за потоа да издаде уверение дека има или нема американска гнилеж? (целиот се наежив!)
Или тоа ќе се направи со исто така семоќниот ДОГОВОР за превентивна здравствена заштита, кој што секоја година чекајќи во редови пред вет. канцеларии, сите одгледувачи на се што е живо, треба да го потпишуваат со семоќните ветеринари - и да платат за него - без макар и минимална шанса дека ќе добијат нешто за возврат на дадените пари? (Па и ветеринарите се најпосле - само луѓе, со две раце и по пет прсти на секоја рака!)
Останува обврската тој договор (содржината) да биде усвоен на Влада - а од наш пчеларски интерес е сите ние пчеларите, со сите средства да се бориме овој текст да не содржи некаква обврска за авансни плаќања.
Наш пчеларски интерес е секој информиран пчелар да ИНСИСТИРА на поединечен преглед (со ветеринар) на секое одделно пчелно семејство - во спротивно, доколку резултатот од анализата е позитивен на АГ, се заканува уништување на цел негов пчеларник (ако биде земена само една или неколку заеднички мостри).
Мое мислење е, дека доколку нема корупција, оваа невозможна мисија скапо ќе ги чини нашиве ветеринари - и тие самите ќе си побараат промена на законот, т.е. содржината на Годишната наредба.
И да резимирам:
1. Според Законот за идентификација и регистрација на животните, (клик) пчеларите оваа година не треба да плаќаат ниту денар за заведување на пописот на пчелни семејства во Регистер (следната да, ќе плаќаат). За да се направи ова заведување и регистрирање ИМА законска обврска пчеларот да склучува/потпишува договор со Агенцијата (преку вет. друштва).
2. Според Одлука за висината на надоместоците за спроведување на активности од јавен интерес од областа на здравствена заштита на животните и според Годишната наредба за здравствена заштита на животните во 2013 година пчеларите треба да платат 50 ден. (кај вет. друштво кое не е ДДВ обврзник) или 59 ден (кај ДДВ обврзниците) за секое пчелно семејство на кое ќе му биде извршен преглед за присуство на американска гнилеж, откако прегледот ќе биде извршен од вет. друштво - но со предуслов да постои и се склучи/потпише договор (претходно одобрен од Владата). (Законот за ветеринарно здравство е дебело недоречен бидејќи склучувањето Договор е законска обврска единствено на оние пчелари кои произведуваат пчелни производи за на пазар, т.е. што се комерцијални)
3. За секакви други давачки може да се бара одговорност и да се тужат вет. друштва.
П.С. Вака како што е конципиран, извесно е дека огромен број пчелни семејства и пчелари ќе останат надвор од системот на регистрација и идентификација... И ќе останат потенцијални жаришта за инфекции со АГ и други болести.
Извесно е и дека сево ова ќе се распадне со масовна стихијна граѓанска непослушност, како голема кула од карти - веднаш штом субвенциите за пчеларите ќе секнат!
П.С. Вака како што е конципиран, извесно е дека огромен број пчелни семејства и пчелари ќе останат надвор од системот на регистрација и идентификација... И ќе останат потенцијални жаришта за инфекции со АГ и други болести.
Извесно е и дека сево ова ќе се распадне со масовна стихијна граѓанска непослушност, како голема кула од карти - веднаш штом субвенциите за пчеларите ќе секнат!
Нема коментара :
Постави коментар